- Секако дека боли
Да, секако дека боли кога пупките пукаат.
Зошто инаку пролетта би се колебала?
Зошто инаку сета наша надеж разгорена
со горчлива магла би била опколена?
Сепак пупката цела зима била покриена.
Што е ова ново нешто, што пука и избива?
Да, секако дека боли кога пупките пукаат,
боли за тоа што расте
и за тоа што обвива.
Да, секако дека е тешко кога капките паѓаат.
Треперејќи од страв, ене ги, натежнуваат,
наредени на гранчето, набабруваат, се лизгаат –
тежината ги влече надолу, иако се придржуваат.
Тешко е да си несигурна, уплашена и поделена,
тешко е да си заслушана во викот на пролетта,
а сепак да седиш мирна и само да трепериш –
тешко е да сакаш да останеш
и да сакаш да полеташ.
Па, кога е најтешко и ништо не помага
пупките на дрвото пукаат и се радуваат.
Тогаш, кога стравот веќе не ги сопира,
капките блескави се стрмоглавуваат,
заборавајќи дека се плашеле од промената,
заборавајќи го дотогашниот страв од летот –
ја осознаваат за миг безбедноста,
и ù се предаваат на довербата
што го создала светот.